
42 – ри општински натпревар по прва помош во Црвен крст на РСМ – ОО Карпош
На 30 мај 2023 година, на терените на Спортско-рекреативниот центар во СУГС „Никола Карев“-Скопје, Црвен крст на РСМ-Општинска организација Карпош го одржа 42-от Општински натпревар на екипите по прва помош во категорија младина и подмладок.
На настанот присустуваа над 350 лица: директори, професори, наставници-ментори и ученици од основните и средните училишта, лекари, парамедици и демонстратори по прва помош, вработени, членови, волонтери, соработници и поддржувачи на Црвениот крст.
Пред присутните се обрати Генералниот секретар на Црвен крст на РСМ, г-дин Саит Саити кој истакна дека првата помош е една од најпретпознатливите активности на Црвениот крст и во таа насока Црвениот крст активностите ги насочува кон нејзино промовирање со цел подигнување на јавната свест за значењето и потребата од едукацијата и обука на заедницата за укажување прва помош како чин на хуманост, одговорност и спасувачка вештина, вклучувајќи ги и најмладите во воспитно-образовните институции.
На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош ги покажаа екипи составени од ученици од 20 основни и 7 средни училишта на територијата на општините Карпош, Ѓорче Петров и Сарај преку 2 организирани траектории со 8 поставени бази. За регуларноста на натпреварот и оценувањето на екипите беа ангажирани 14 лекари, парамедици и демонстратори, а за реалниот приказ на сценаријата и „повредите“ на пунктовите се погрижија обучени шминкери и манекени – волонтери од ОО Карпош.
Првите три места во категорија „подмладок“ ги освоија екипите од училиштата:
1.ООУ „Мирче Ацев“
2.ООУ „Tихомир Милошевски“
3.ООУ „Лазо Трповски“.
Првите три места во категоријата „младина“ ги освоија екипите од училиштата:
1.СУГС „Сарај”
2.СУГС „Орце Николов“
3.СУГС „Никола Карев”.
Подготовките на пријавените 27 екипи со вкупно 189 опфатени ученици беа спроведени од страна на 10 обучени млади демонстратори по прва помош во период од еден месец преку одржани над 80 теренски посети во училиштата.
Значајно и вредно е да споменеме дека во подготовките, организацијата и реализацијата на 42от општински натпревар по прва помош се вклучија вкупно 72 волонтери од Црвен крст на РСМ – ОО Карпош.




































