октомври 1, 2020

Одбележување на 1 октомври – Меѓународен ден на старите лица

Црвениот крст на Република Северна Македонија и оваа година се вклучува во одбележување на 1 октомври – Меѓународен ден на старите лица. Овој ден е назначен од страна на Генералното собрание на Обединетите нации на 14 декември 1990 година.

Официјалните податоци говорат дека во изминатата година на глобално ниво евидентирани се 703 милиони лица на возраст над 65 години. Во текот на следните три децении, бројот на постари лица ширум светот се предвидува да се зголеми двојно, достигнувајќи повеќе од 1,5 милијарди лица во 2050. Сите региони во наредниот период ќе забележат зголемување на големината на постарата популација.

Оваа година се одбележува 75-годишнината од Обединетите нации и 30-годишнината од Меѓународниот ден на постарите лица. Во оваа година исто така, се појави КОВИД-19, што предизвика престврт низ целиот свет. Имајќи ги предвид повисоките ризици со кои се соочуваат постарите лица при појава на пандемии, како што е КОВИД-19, државите во своите политики и програмски интервенции спроведуваат активности кои се насочени кон подигнување на свеста за  нивните посебни потреби.

На глобално ниво темата за 2020 година има цел:

– Да се информираат граѓаните за стратешките цели на Декадата на здраво стареење 2020-2030, донесена од страна на Светската Здравствена Организација. (Декадата е можност да ги обедини владите, институциите, граѓанското општество,  меѓународните агенции, професионалците, медиумите и приватниот сектор за десет години заедничка соработка и акција за подобрување на животот на постарите луѓе, нивните семејства и заедниците кои живеат.)

– Да се подигне свеста за посебните здравствени потреби на постарите лица и за нивниот придонес за сопственото здравје.

– Да се предлагаат намалувањата на здравствените разлики меѓу постарите лица во развиените и земјите во развој.

– Да се зголеми разбирањето за влијанието на КОВИД-19 врз постарите лица.

 

< врати се назад