март 20, 2023

Одбележување на Светскиот ден на туберкулозата

Секоја година се одбележува  Светскиот ден на туберкулозата (ТБ) 24 ти март со цел подигнување на јавната свест за катастрофалните, здравствени, економски и социјални последици од ТБ и воедно да се интензивираат напорите за ставање крај на глобалната епидемија од ТБ. Датумот го означува денот во 1882 година кога д-р Роберт Кох објавил дека ја открил бактеријата која предизвикува туберкулоза, со што го отворил патот кон дијагностицирање и лекување на оваа болест.

Туберкулозата и понатаму останува смртоносен убиец во светот. Секојдневно над 4000 луѓе го губат животот од ТБ, а близу 30 000 луѓе се разболуваат од оваа болест која може да се  превенира и излекува.

 Со промените во светот кои настанаа како резултат на пандемијата со Ковид-19, се комплицира следењето и третманот на многу болести. Туберкулозата како инфективно заболување што дава слични симптоми како и инфекцијата со Ковид-19, сепак се разликува од истата во тоа што има подолг период на инкубација и симптомите се развиваат побавно. За среќа постои ефективна вакцина против туберкулоза, што веќе се употребува долго време. Но и покрај добрата превенција туберкулозата сè уште не е отстранета и претставува дел од проблемите кои се јавуваат во сите здравствени системи, па и во нашиот.

ВРЕМЕ Е ЗА АКЦИЈА! ВРЕМЕ Е ДА СЕ СТАВИ КРАЈ НА ТУБЕРКУЛОЗАТА.

< врати се назад