
Тридневен рекреативно-едукативен престој во село Стровија за деца и млади
Во рамки на проектот „Хуманко“ на Клубот на млади на Црвен крст на РСМ – Општинска организација Карпош во периодот од 21 до 23 февруари 2025 година беше реализиран тридневен Рекреативно-едукативен престој наменет за целната група на проектот – деца и млади со попреченост, потешкотии во учењето, од семејства во социјален ризик и со типичен развој.
За време на престојот, учесниците имаа можност да градат здрави животни навики, да помагаат во дневните обврски, да се рекреираат и одморат, да читаат, пишуваат, цртаат, сечат, лепат. Учесниците имаа можност да се дружат со свои врсници, да развиваат емпатија, меѓусебно да се поддржуваат и да си помагаат. За време на престојот беше реализирана едукација за правилна употреба на интернетот и дигиталната технологија во секојдневниот живот.
Престојот беше реализиран во манастирот Св.Недела – село Стровија, Прилеп и на истиот беа присутни 28 деца и млади од целната група и волонтери од Клубот на млади. За оваа активност волонтерите остварија 294 волонтерски часа.
Интересно е да споменеме дека првото патување во село Стровија за целната група на проект „Хуманко“ е организирано во 2010 година, и одтогаш редовно се реализираат по 2-4 престои во годината до 2022 година. По кратка пауза повторно се вративме.





































