
Оскар на хуманоста за „Електрани на Северна Македонија“
Втора година по ред Црвен крст на град Скопје ја организираше манифестацијата ,,Оскар на хуманоста” која е во склоп на одбележувањето на Светскиот ден на Црвен крст и Црвена полумесечина 8 Мај. На истата се доделија награди – оскари за општествена одговорност на корпоративниот сектор, поединции и образовни институции кои со својот личен пример мотивираат, поттикнуваат и се вистинска поддршка во заедницата.
На предлог на Црвениот крст на РСМ – Општинска организација Карпош наградата „Оскар на хуманоста“ беше доделена и на компанијата „Електрани на Северна Македонија“. Наградата во име на компанијата ја прими директорката за правни и општи работи и член на Управен Одбор на АД ЕСМ, Душица Сеизовска Јовановиќ, која се заблагодари за наградата. На настанот од Црвен крст Карпош беа присутни 13 членови и волонтери.
Вредно е да напоменеме дека АД ЕСМ во изминатиот период почнувајќи во 2018 и во следните 2019, 2022 и 2023 година даде исклучително значајна поддршка во реализацијата на Летниот камп „Сите сме исти“. Кампот го организираат волонтерите од Клубот на млади на Црвен крст Карпош и истиот е наменет за деца и млади со попреченост, потешкотии во учењето од социјално-загрозени семејства и со типичен развој. Секоја година во времетраење од 8 до 12 дена, од страна на АД ЕСМ беа обезбедени бесплатни камп услуги во автокампот „Ливадиште“ за подигање на шаторска населба за сместување на 45-55 лица.





































